Муцунски: Како да зборуваме за правда кога Ден Дончев и Лидија Димова не одговараа и не знаеме каде се, а имаме политички затвореници?

Една од работите кои се нотирани во извештајот на Стејт департментот е дека продолжува да функционира спрегата помеѓу политичките елити и правосудниот систем. Затоа што реалната ситуација во Македонија е дека е дека одговорност има за сиромашните и за тие кои немаат политички и бизнис конекции. Тие ја чувствуваат неправдата на правосудниот систем во државава, изјави во „Вин вин“ на Телма, Тимчо Муцунски, пратеник и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека не може да зборуваме за правда во оваа држава и да веруваме дека постои правосуден систем кога за случаи како тој на Ден Дончев и Лидија Димова ниту има кривична разрешница ниту знаеме каде се.

– Ние зборуваме за одговорност. Би потсетил за случајот на Ден Дончев и за случајот со злоупотребите во Фондот за европско образовни програми и Лидија Димова, за кои до овој момент јавноста не слушнала дека има постапување од точка на кривично правен прогон, истрага, обвинение. Не е доволно само да држат прес конференции колку се транспарентни, туку и кога има вакви забелешки мора да има постапување на правосудството, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека во оваа држава имаме и политички затвореници, а тоа се луѓе кои лежат по 15 години затвор за дело кое што не го направиле, тоа се луѓето осудени за настаните од 27 април.

– Тие луѓе не се терористи. Судијата кој ја даде таа пресуда за 27 април, го унапредија за Уставен судија. Како граѓаните да веруваат во транспарентен правосуден систем. А луѓе за кои цела држава слушна и виде дека направиле криминал не знаеме ни каде се сега. Како имаме правда во Македонија и да веруваме дека постои правосуден систем?, вели Муцунски.