Муцунски: Крајно време е за реална економска политика во интерес на граѓаните!

Од почетокот на пандемијата скоро 40.000 наши сограѓани ги имаат изгубено своите  работни места, далеку повеќе од најлошо предвидените сценарија на старо-новата коалициона Влада на СДСМ и ДУИ. Како резултат на нестручниот, неаналитички, неефикасен и ненавремен пристап во решавањето на сериозните економски тешкотии и неадекватната владина помош најтешко погодените сектори и дејности доживеаа сериозни и непоправливи штети, кои во голем дел го доведоа во ризик и нивниот опстанок, изјави Тимчо Муцунски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжението на неговата анализа на економската криза во земјава, тој вели:

Во наведениот контекст би сакале да ја запознаеме јавноста со неколку поважни економски индикатори кои укажуваат на сознанието дека доколку во претстојниот период продолжи да отсуствува еден таргетиран, брз и ефикасен системски одговор тогаш нашата држава ќе се соочи со невидена економска криза.

Индустриското производство во јули 2020 година споредено со јули 2019 е паднато за 9.5%. Дополнително на тоа и бројот на вработени во индустријата е намален за 6.2%.

Продолжуваат исклучително слабите резултатот во сегментoт на привлекувањето на странски директни инвестиции. Доказ за тоа е податокот дека во вториот квартал од 2020 година имаме нето одлив на странски директни инвестиции од 9,3 милиони евра. Посебно загрижува и податокот дека не се отвараат нови работни места, додека досегашните инвеститори го изнесуваат нивниот капитал и профит надвор од Македонија, да напоменам дека оваа Влада нема министер за привлекување на странски инвестиции.

Од јануари до август оваа година буџетскиот дефицит е 570 милиони евра.

Како во претходниот период така и понатаму продолжува слабиот тренд на реализација на капитални инвестиции, а доказ за тоа се реализираните само 8 милиони евра во месец август оваа година.

Во период кога Македонија се наоѓа на црвена здравствена листа и затворени граници, продолжува падот на прилив во буџетот. Буџетскиот прилив во месец август е за 20% помал од претходниот месец јули. Од тоа произлегува и заклучокот дека нашите граѓани без оглед што се наоѓаат во земјата, вклучувајќи го и користењето на нивните годишни одмори во домашните туристички капацитети сепак трошат помалку од претходно.

Во време кога сите влади ја намалуваат или задржуваат цената на струјата на исто ниво и непосредно им помагаат на нивните граѓани кај нас таа се зголемува со  што се нанесува сериозен удар врз  нискиот стандард на граѓаните.

Во овие исклучително тешки времиња соочувањето на граѓаните и деловната заедница со кризата претставува сериозен тест за нашата издржливост, подготвеност и посветеност за взаемна поддршка и барање на одржливи долгорочни решенија. Со оглед дека отсуствува јасна владина стратегија за излез од кризата во следниот период изразуваме јасна и целосна подготвеност за вршење на интензивни и непосредни консултации со претставниците на деловната и академската заедница.

Истовремено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има намера да предложи поголем број на конкретни креативни мерки и политики, со крајна цел да помогнеме во процесот на интензивирање на севкупниот процес на развој  на македонската економија. Крајно време е да се започне со креирање на реална економска политика и постигнување на позитивни резултати, што ќе бидат во интерес на нашите граѓани, нивната благосостојба и просперитетот на Македонија.