Муцунски: Методологијата на пописот може да се промени, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира да се прифатат суштинските забелешки

Методологијата на пописот може да се промени, вели пратеникот на секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „Вин Вин“ на Телма и додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира да бидат прифатени суштинските забелешки кои ги има за самата методологија.

Муццунски истакна дека се уште има време и место за дијалог поврзан за методологијата, бидејќи тоа е подзаконски акт, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира да се промени и ќе стои позади тоа бидејќи има речиси половина година тоа да се направи.

– Пратениците можат да отворат дијалог со директорот на државниот завод за статистика и да го информираат за да тие бидат уверени како пратеници дека ќе биде легитимен пописот, инсистираме на одредени измени во методологијата и да седнеме, ако треба да повикаме експерти и да добиеме попис во кој сите ќе веруваме, потенцира Муцунски.

Тој додаде дека сака да верува дека тој директор ќе дојде да разговара со пратеници кои црпат легитимитет од граѓани и дека откако ќе се извадат сите аргументи ќе може да се направат измени за подобар попис.

– Кога веќе се оди на теренски попис има многу работи кои треба да се променат. Кога дававме причини зошто треба да се одложи пописот, првата секогаш е епидемиолошка, и самиот закон кој го предложивме имаше за цел да го одложи пописот, а вториот аспект е методологијата и начинот на кој ќе се спроведува пописот, вели Муцунски.