Муцунски: Нова водоводна мрежа во Горно Лисиче

Со инвестиција од над 9 милиони денари на Општина Аеродром и ЈП „Водовод и канализација“, стотици жители од населбата Горно Лисиче конечно добиваат приклучување на градската водоводна мрежа, објави на социјалната мрежа на Фејсбук градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски.

Заедно со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и претседателот на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески утрово ја посетивме оваа локација и остваривме средби со локалните жители. Станува збор за проект чија цел е поставување на водоводна мрежа од околу 580 метри, а со истиот ќе се обезбеди поквалитетно водоснабдување за жителите од овој дел на Општина Аеродром.

Во рамките на овој проект предвидено е да се реконструира водоводната мрежа на улиците Ѓорѓи Капчев и околните краци кои до сега не беа опфатени со овој вид мрежа (ул. Лисец, ул. Ѓорѓи Капчев 1 со краци, ул. Ѓорѓи Капчев 16, 16-а и 22, како и дел од ул. Божин Николов, ул. Тодор Чангов 52 и Ѓорѓи Капчев 35).

Секој дел од Општина Аеродром е еднакво важен и ќе продолжиме со инвестициите согласно потребите на граѓаните. Продолжуваме да работиме посветено на создавање на модерна општина!, пишува Муцунски во својата објава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.