Муцунски: Вакцините мораше да стигнат многу побрзо, бидејќи граѓаните ги очекуваат и бараат спас токму во нив

Во вечерашното издание на дебатната емисија “Заспиј ако можеш” на Алфа телевизија гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски кој зборуваше за лошите владини политики, моменталните политички случувања, како и за здравствената и економската криза во Република Македонија.

Муцунски смета дека во однос на вакцинација Република Македонија многу доцни и дека државата, односно оние кои што раководат со државата за време на оваа пандемија, требало многу поревносно и посериозно да ја сфатат набавката на вакцината. Муцунски исто така додаде дека вакцините се неопходни за голем дел од македонските граѓани, особено за онаа критична категорија на луѓе кои што имаат и други хронични заболувања.

“Додека земјите од соседството веќе отпочнаа со вакцинирање, Република Македонија чека да останат дози од другите земји, за потоа истите да се искористат кај нас. Тоа не е воопшто сериозно, ниту пак нормално во ваква ситуација. Државата мораше да има поконкретен контакт со производителите на вакцините, да се разгледаат сите можности и потоа да се нарачаат дозите кои што на почетокот ќе помогнат за одредена бројка на граѓани”, додаде Муцунски.

Република Македонија се соочи со енормни бројки во однос на заболени и за жал починати од Ковид-19 вирусот, сега веќе сведочиме и на огромна бројка граѓани кои се со антитела, односно со прележан Ковид-19 вирус. Но, тоа не е решение. Решение ќе имаме кога граѓаните ќе знаат дека имаат своја вакцина, која што треба да ја примат и потоа да почнат да го нормализираат животот.

Вака како што во овој момент е ситуацијата во земјата, граѓаните сеуште се оставени сами на себе и најверојатно за жал уште долго ќе ја чекаат вакцината, заврши Муцунски.