Муцунски во посета на Франција: Македонија заслужува итен почеток на прегововорите со Европската унија врз основа на европски критериуми

На покана од француското министерство за надворешни работи и европски прашања, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски неодамна престојуваше во повеќедневна посета на Франција. Во тој период оствари средби со значајни личности од национален и од локален интерес.

Една од првите средби беше со сенаторката од сестринската партија Les Republicains, Марта де Сидрак и со пратеничката од партијата En Marche, Лилиан Тангуи. Со двете соговорнички заклучија дека Македонија заслужува итен почеток на прегововорите со Европската унија врз основа на европски критериуми.

Во француското министерство за финансии, економија и индустрија, се сретна со директорот за Турција, Балканот и Блискиот Исток, Николас Сежур. Разговарале за потребата од засилена економска и трговска соработка меѓу двете земји, посебно земајќи ја предвид актуелната глобална безбедносна и економска криза. На средбата Муцунски нагласил дека Македонија наскоро ќе добие влада која искрено ќе се заложи за привлекување на странските директни инвестиции, а меѓу нашите приоритети ќе бидат токму француските мултинационални корпорации.

Во француското министерство за одбрана заедно со Ренауд Дорлхиак кој е одговорен за билатерални односи со Европа и Северна Америка, отворени биле прашања од регионален и глобален интерес. Македонија и Франција се партнери во НАТО, и затоа воено-безбедносната соработка мора да се продлабочува.

Исто така, се сретнал и со Грегори Виленуев, раководител за Балкан во Француската агенција за развој. Разговаравал за можностите за реализација на конкретни проекти од областите дигитализација и заштита на животната средина во општина Аеродром. Наскоро се очекува посета на делегација на AFD во Аеродром и конретизирање на дел од понудените проекти.

Во француското министерство за надворешни работи и европски прашања остварени се повеќе средби и тоа со: Николас Фаје (директор за Западен Балкан), Лук Леви (одговорен за културна и образовна соработка со Западниот Балкан) и Клотилд Варин и Маделин Коурант (одговорни за Европа во Центарот за анализа, предвидување и стратегија на МНР). Со соговорниците се дискутирало за понатамошен развој на билатералната политичка соработка, но и за постојана соработка од областа на културата и образованието.

За време на престојот во Франција во својство на градоначалник на Општина Аеродром Муцунски го посетил и градот Ла Везинет каде што се сретнал со градоначалникот Бруное Корадеки. Ла Везинет во Франција е познат по својот успешен локален мултимедијален центар, токму таков каков што треба да се изгради во Аеродром во текот на актуелниот мандат. Заедно со француската влада, Ла Везинет ќе понуди искуство, поддршка и помош за успешна реализација на ова ветување.

Франција е актуелен претседавач со Европската унија, а Македонија со сигурност ќе ја добие нејзината поддршка на патот на европската интеграција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.