Муцунски: Време е да зборуваме за решенија наместо за дневна политика

Во последните две недели откога почнав во оваа кампања слушнав и видов многу работи, дел од нив навистина ме разочараа. Но јас имам една лична заложба во политиката, во сите политички процеси кои што јас лично сум ги водел велам дека е време да создадеме промени во начинот на кој што се води политичкиот дискурс во Република Македонија. Време е да зборуваме за политики и за решенија наместо за дневна политика, истакна Тимчо Муцунски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма телевизија.

Муцунски додаде дека се води од идејата дека тој не влезе во политиката за да таа го промени него, туку тој сака да ја промени политиката.

„И за тоа во оваа кампања влегуваме со многу проекти, многу идеи, се за граѓаните. Но потребно ни е поддршка и мобилизација од нив, од тие што не гледаат вечерва на екраните, да разберат дека по сите разочарувања во последните четири години, по сите неуспеси доаѓаат луѓе кои навистина тоа што ќе го ветат ќе го реализираат“, порача Муцунски.

Муцунски посочи дека со проекти за младите, за пензионерите, за семејствата, ВМРО-ДПМНЕ и тој како градоначалник ќе го направи Аеродром пример за Македонија.

„Ова се избори на кои што даваме размислувања, граѓаните оценуваат за работењето во општина Аеродром во последните четири години. Во последните четири години ќе се согласам и со констатацијата која што и вие ја произлегувате од вашето прашање имаше една носечка политика во општина Аеродром, а тоа беше бетон, бетон и уште повеќе бетон. Треба хуман начин на градба. Треба да се почитуваат законските норми, мора да има задолжително зеленило при градењето. Кога ќе има нови градби, мора да има и нормален развој за општините. Што мислам за тоа, што мислам во таа смисла? Мора да има градинки за дечињата, за тоа ние во нашата програма предвидовме 4 нови градинки во општина Аеродром“, посочи Муцунски.

Муцунски појасни дека сите основни училишта мора да имаат проширен капацитет. Мора да се работи на професионализација на службите внатре во општината. Тие да не работат под политички притисок и диктат. Туку да ги следат сите урбанистички работења во насока на почитување на законите. Ние секојдневно гледаме и при градбите кои што се случуваат дека излегуваат камиони полни со кал, ги загадуваат улиците. Но, службите не функционираат бидејќи се под притисок од општинската власт истовремено бидејќи не им се овозможени нормални услови за работа.

„Дали граѓаните знаат дека во моментов инспекциската служба за животна средина во општина Аеродром нема ниту едно возило на располагање. Мора да работиме за создавање на хуман пристап на развој на општината, градба надвор од централните подрачја, градба со почитување на законски норми и пред се развој здрава животна средина преку зеленило“, нагласи Муцунски.