Мудис: Политичката несигурност во Грција негативна за банките

Меѓународната рејтинг агенција Мудис политичката несигурност во Грција ја оценува како негативна за нејзините банки, предупредувајќи дека меѓубанкарското кредитирање е намалено и дека тоа е заменето со финансирање од страна на Европската централна банка, пренесе МИА.

Во извештај, цитиран од весникот „Вима“, Мудис забележува дека се појавиле нови гласини за излегувањето на Грција од еврозоната и за тоа дека политичката несигурност во земјата ја нарушува довербата на инвеститорите и негативно се одразува врз можноста на банките да добиваат ликвидна поддршка.

Агенцијата смета дека гласините за политичка несигурност најмногу се должеле на фактот дека главната опозициска партија во Грција, СИРИЗА, која жестоко се спротивставува на мерките за штедење и на структурните реформи, води во анкетите пред вонредните парламентарни избори.

Мудис посочува дека за грчките банки намалувањето на влоговите ја зголемува нивната зависност од финансирањето на ЕЦБ и затоа услов тие да продолжат да добиваат ликвидна поддршка од ЕЦБ е Грција да продолжи да се придржува кон спасувачката програма на ЕУ.

Политичката несигурност во Грција доведе до запирање на приватната инвестициска активност, на потрошувачката и на приватизацијата – фактори што и се неопходни на Грција за помош на нејзиниот економски развој, проценува Мудис.