Мукаетов беше панелист на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“

„Алкалоид“ е компанија која функционира глобално, но базата е во Македонија. Иако прогнозите на светско ниво се песимистички, со стабилност дома, ако сите дадеме свој мал придонес за раст на националната економија, амбициозните проекции би биле реални. Ни недостига и поголема меѓусебна доверба за како нација да растеме заедно“.

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зеде учество на Првата годишна конференција „Back to business – Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“, во организација на мултиплатформската мрежа за деловни вести во Југоисточна Европа, „Блумберг Адрија“.

Во рамките на панелот „Македонскиот реален сектор: Бизнис-модел воден од новите технологии“, посветен на прашањата за водење бизнис во турбулентно време, за потребните промени во стопанството и за неопходноста од следење на светските трендови и технолошки иновации, Мукаетов истакна дека компаниите мора да бидат во тек со најновите случувања од областа на новите технологии.

„Веќе 25 години живееме во ерата на 4-тата индустриска револуција, чиј производ, меѓу другото, е и вештачката интелигенција. На повидок е 5-тата индустриска револуција, која ги спојува виртуелниот и реалниот свет во едно. Сè поочигледно е дека дигиталната писменост претставува неопходност. ’Алкалоид’ континуирано инвестира во модерна и технолошки напредна опрема, софтвери и кадар. Во моментов сме во процес на имплементација на 4 нови софтвери, a oчекуваните придобивки од нив вклучуваат: oптимизација на процесите, намалување на трошоците, брзина при донесувањето одлуки, поголема ефикасност, придонес во заштитата на животната околина и зголемена продуктивност“, истакна Мукаетов.

На прашањето околу влијанието на глобалните геополитички случувања врз работењето, како и нивниот импакт врз движењата на цените на суровините и репроматеријалите во следниот период, Мукаетов даде објаснување низ реалниот пример на „Алкалоид“:

„Високата инфлација се одрази врз работењето на сите компании. Се соочивме со неколкукратен раст на цените на некои од клучните суровини и материјали, што наметна дополнителни непредвидени трошоци. Периодов имавме ненајавено, двојно зголемување на цената на една од клучните супстанци во лекот ’Кафетин’, која е достапна само во Азија. Во моментов има дефицит на кофеин, витамин Б и Д, кои имаат допирни точки со кондиторската индустрија, а со побарувачката енормно пораснаа и нивните цени.

Глобалните воени конфликти, пак, како оној во Суецкиот Канал, го попречија движењето на суровините, што предизвика застој во циклусите на испорака и зголемена ставка на транспорт на суровините. Од друга страна, пак, фармацевтските производи припаѓаат на строго ценовно регулирана категорија производи, па повеќето од цените се замрзнати, односно не се дозволуваат корекции од државните авторитети надлежни за нив.

Говорници на првата панел-дискусија посветена на искуствата од функционирањето на бизнисот во глобално турбулентни времиња беа и: Генералниот директор на „Пивара Скопје“, Душан Митрев; Главниот извршен директор на „А1“, Методија Мирчев, и Генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска. Настанот посветен на економските развојни можности во земјава го отворија Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и Директорката за содржина на „Блумберг Адрија“, Јелисавета Лазаревиќ.