Мукоски: Добивме гаранција дека Владата ќе ги прифати нашите барања за уставните амандмани

Ги потенциравме нашите барања и генерално го усогласивме текстот на амандманите и се надеваме дека утре рано Владата ќе го достави документот до Собранието, изјави пратеникот Крсто Мукоски од новата пратеничка група произлезена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата по средбата во Собранието со премиерот Зоран Заев за уставните амандмани.

Мукоски дека нивните барања се однесуваат на дополнително зацврстување на македонскиот идентитет, културно наследство и јазикот. Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на Македонија во ЕУ, поништување на сите амандмани кои произлегуваат од договорт во случај Грција да не го ратификува.

„Разговаравме и за телото за внатрешно помирување . Тоа треба да почне ефективно да работи од понеделник. Договорен е составот и бројот на членовите на телото “, рече Мукоски.

Како и премиерот Заев, Мукоски кој е обвинет за настаните од 27-ми апри, повтори дека „постојат два начина нивните барања да се инкорпорираат, или тие да бидат вметнати во владините амандмани или пратениците да поднеста амандмани на амандманите на Владата“.

„ Добивме гаранции дека Владата ќе ги прифати нашите амандмани… Сите партеници кои сакаат да го поддржат Договорот од Преспа се добредојдени. За ова треба нив да ги прашат“, одговоди Мукоски на прашањето дали и други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните амандмани и го повика да учрествуваат и во телото за помирување.

Претходно премиерот Заев рече дека генерално текстот на нацрт-амандманите на Уставот е усогласен. Најави дека вечерва ќе има уште една консултација, по што Владата утре на посебна седница ќе ги усвои и испрати во Собранието. Ова е заклучокот од средбата на премиерот Заев со независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата. Утре ќе се знае дали во Преамбулата ќе се спомене и Охридскиот рамковен договор. Бројот на амандманите ќе биде меѓу 4 и 7, но секој пратеник може да поднесе амандмани на амандманите, потсетува Заев.

„На првата консултација беа дадени насоките, денеска зборувавме за суштината и мислам дека ги заокруживме. Останува, сега веднаш после оваа изјава, наше повлекување во Владата да го скицираме целиот текст на нацрт-амандманите којшто преточен во текст ќе биде уште еднаш испратен на консултации и верувам до крајот на денот потврден од новата пратеничка група се со цел утре Владата на РМ на владина седница да ги утврди нацрт-амандманите“, изјави премиерот Заев по средбата.

Кога се ќе биде утврдено, додаде, јас како претставник на Владата објавувајќи ги нацрт-амандманите ќе го посочам каде и што е вградено.

„Еден дел ќе си биде вграден во Уставниот законик, еден дел ќе си биде вграден во самиот проглас на уставните амандмани којшто е акт за прогласување на уставните амандмани, така што верувам дека имаме решение. Сега останува да го преточиме тоа во зборови оти досега дискутиравме само, скициравме со пенкало и слично, сега да го преточиме во еден текст, да го видат конечно тој текст и да дадат конечна потврда дека е тоа така. Јас верувам дека нивната верба која што ги водеше да се одважат, охрабрат и гласаат е со причина и денеска ја видов суштината на таа причина. Мене ми е многу драго што токму таа причина и нивно вградување во самите уставни амандмани разобличува уште една дилема која што постоеше цело време и во текот на кампањата за референдумот, пред кампањата, после потпишувањето на договорот, а тоа дека го потврдуваме македонскиот идентитет“, рече Заев.

Од понеделник ќе почне да функционира Телото за помирување, што беше четврто барање на групата опозиционери што гласаше за отварање на Уставот. Во него, велат, добредојдени се сите пратеници и сите партии.