Мурињо ја презема Рома

Италијанскиот фудбалски великан Рома го именуваше контроверзниот португалски стручњак Жозе Мурињо за свој нов главен тренер на тригодишен договор кој започнува веќе во јули годинава, објави во вторникот римската „Волчица“.

Одлуката на водството на Рома дојде само неколку часа по најавата на сегашниот тренер Паул Фонсека дека на крајот на сезоната го напушта клубот. Рома не ги оправда очекувањата на навивачите и само е седма во Серија А без пласман во Лигата на шампионите.

„Одушевени сме и израдувани што го дочекавме Жозе Мурињо во семејството на АС Рома. Големиот првак кој освојуваше трофеи на сите нивоа, Жозе ќе пружи огромно водство и искуство на нашиот амбициозен проект“, изјавија претседателот на клубот Дан Фидкин и неговиот потпретседател Рајан Фридкин.

Мурињо, кој претходно ги водеше Порто, Челзи, Интер од Милано, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, лондонски Тотенхем го отпушти во април по 17 месеци на неговата клупа.

„По состанокот со сопственикот и Тиаго Пинто, веднаш ги сфатив севкупните димензии на нивните амбиции за АС Рома. Истата амбиција и нагон секогаш ме мотивираа и заедно сакаме да изградиме победнички проекти во текот на следните години. Неверојатната страст на навивачите на Рома ме увери да ја прифатам работата и одвај го чекам почетокот на следната сезона“, изјави Мурињо.