Мурињо е број еден трошаџија еве колку пари потрошил за нови фудбалери

Најконтроверзниот менаџер на светот, Жозе Мурињо е навистина „специјален“, зашто освен по своите постапки, јавни истапи е и менаџер кој е број еден во – трошење пари. Во текот на својата кариера од Порто до Манчестер јунајтед вкупно потрошил неверојатни – 1,4 милијарди фунти.

Мурињо се проби во светскиот фудбал како тренер на Порто со кој го освои Купот на УЕФА, па Лигата на шампионите во 2004 година и потоа замина во Челси кога почна ерата на Роман Абрамович, која е и почеток на неверојатното трошење на пари за засилувања. Оттогап Мурињо беше тренер и на Интер, Реал Мадрид, па уште еднаш на Челси и на крај во Манчестер јунајтед. Новинарите прецизно му пресметале дека во текот на досегашната кариера купил 97 фудбалери и дал 1,4 милијарди фунти или во просек трошел по фудбалер – 15 милиони фунти. Најскап играч кој го ангажирал е Пол Погба за 105 милиони евра од Јувентус во Јунајтед, ама треба и да се потенцира дека ангажирал и фудбалери за беспари, како Горан Пандев во Интер во 2010 година.

Зад Мурињо, втор по трошење пари е актуелниот шеф на Елиф Елмас во Наполи, Карло Анчелоти. Италијанецот кој за македонскиот бисер даде 16 милиони плус бонуси за да го земе од Фенербахче, во кариерата (Милан, Реал Мадрид, Челси, Баерн, Наполи) потрошил 1,1 милијарда фунти и тоа на 85 играчи. Најскапо засилување му е Герет Бејл за 100 милиони евра, кој беше своевремено најскап светски трансфер.

Трет на листата е Пеп Гвардиола, актуелниот менаџер на Манчестер сити, а бивш на Барселона и Баерн Минхен. Гвардиола има најмалку ангажирани фудбалери во однос на Мурињо и Анчелоти, ама потрошѓувачка од над една милијарда фунти и најскапа аквизиција му е Родри за 75 милиони евра од Атлетико Мадрид.

Зад оваа тројка е Мануел Пелегрини, кој во кариерата ги „купи“ Кристијано Роналдо во Реал Мадрид, Кевин де Брајне во Манчестер сити, а сега како предводник на Вест Хем постави клупски рекорд со 45 милиони фунти кај „чеканите“ за ангажман на Себастијан Халер од Ајнтрахт Франкфурт.

Петти на листата е бившиот кормилар на Јувентус, Масимилијано Алегри, кој лани го ангажираше Кристијано Роналдо за 117 милиони евра во таборот на „старата дама“, а претходно ја стресе Чизмата и со ангажманот на Гонзало Игуаин за 90 милиони евра од Наполи во Торино.