Мурињо на Мундијалот како коментатор за руска телевизија

Португалскиот фудбалски тренер Жозе Мурињо во текот на Светското првенство во Русија ќе има ангажман, и тоа како специјален коментатор за руска телевизија.

Актуелниот менаџер на англиски Манчестер Јунајтед ќе ги коментира натпреварите од мундијалот за руската телевизија RT. Оваа телевизија, инаку, нема права за пренесување на натпреварите од првенството, но Жозе Мурињо ќе учествува во специјалните емисии посветени на шампионатот.

„Славниот португалски тренер Жозе Мурињо, познат по прекарот Спешл Уан, кој тренираше бројни светски клубови, ќе ѝ се придружи на екипата на RT. Заедно со група фудбалски стручњаци ќе ги коментира натрпеварите од светското првенство и ќе го споделува своето знаење со нашите гледачи“, се наведува во соопштението на телевизијата.

На стручниот тим на RT ќе му се придружи и поранешнот голман на манчестерските „црвени ѓаволи“ Петер Шмајкел.

Светското првенство во Русија се одржува од 14-ти јуни до 15-ти јули.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.