Mурињо за дербито со Сити со истата тактика од Торино

Откако од неодамна ги подобри своите перформанси, тимот на Манчестер Јунајтед сега се соочува со Манчестер Сити. Пред дуелот од 12-тото коло на Премиер лигата „црвените ѓаволи“ заостануваат на 9 поени од лидерот и при евентуален пораз, разликата ќе скокне на 12.

„Ако одиграме нерешено, разликата останува 9 поени. Ако изгубиме, тоа е 12, па ова не е начинот на кој треба да гледаме на претстојниот меч. Во контекст на сезоната овој дуел треба да биде лесен за нив и тежок за нас, но сакам да го гледам како посебен настан. Тогаш тој ќе биде тежок и за нив,“ изјави менаџерот Жозе Мурињо на редовната прес-конференција пред мечевите во англиската елита.

Португалецот изјави дека „црвените ѓаволи“ ќе се обидат да извлечат позитивен резултат од дуелот и ќе се обидат да го повторат преставувањето од минатите два дуели, кога победуваа со пресврт во последните моменти.

„Средбата со Сити е посебна, но не поради тоа што се случи минатата година, туку бидејќи е дерби и има особен полнеж за навивачите. Ќе се обидеме да извлечеме добар резултат. Одигравме два многу тешки натпревари како гости и успеавме да постигнеме добри резултати. Презентацијата во нив беше позитивна и ќе се обидеме да ја повториме, но не треба да заборавиме колку силен тим е Сити“, додаде Мурињо.

Дуелот е в недела во 17,30 часот во домот на „граѓаните“,  стадионот „Етихад“.