„Муртиногејт“: Покрај оние 50.000 евра од „Мегантик“, Ден Дончев лани се офајдил уште со 80.000 австралиски долари од оваа фирма!

Неделникот „Фокус“ во новиот број ја продалбочува аферата „Муртиногејт“, во која е замешан Ден Дончев, сега веќе поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување.

Како што е познато, неделникот веќе објави дека Дончев во 2018 година примил 50.000 евра по основ на плати за консултантски услуги, од македонската компанија „Ремаркет“, регистрирана во селото Муртино, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.

Неделникот сега открива дека Ден Дончев и во 2019 година примил голема сума пари од истиот извор. Така, на 26 јуни 2019 година, тој од австралиската компанија „Мегантик“ добил уште 80.000 австралиски долари. Како и спорните 50.000 евра, така и овие 80.000 австралиски долари, не се пријавени во имотното досие на Дончев.

Во врска со исплатата на 50.000 евра од „Ремаркет“ во 2018 година, Ден Дончев ја убедуваше јавноста дека парите што ги добил од „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската фирма „Мегантик“ биле легални и најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив бил платен данок.

Засега нема изјава од Дончев за исплатата од 80.000 австралиски долари што ја откри „Фокус“.

Инаку, македонските закони не дозволуваат било кој вработен да прима плати од две или повеќе места, а избраните и именувани функционери не смеат да остваруваат приходи од консултантски услуги. Антикорупциската комисија изјави дека го разгледала предметот по допрен глас и утврдила дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи, но засега се остана на таа изјава.

Останува отворено прашањето дали после овие нови информации Антикорупциската комисија, но и органите на прогонот, ќе се заинтересираат за овие исплати, за да откријат дали во нивната позадина има нешто повеќе од конфликт на интереси. Многу е симптоматично тоа што Дончев, кога веќе даваше објаснување за исплатата од 50.000 евра, „заборави“ да ја извести јавноста и за овие 80.000 австралиски долари и да го објасни тој приход.

Неделникот „Фокус“ открива и доказ за можна персонална линија на Ден Дончев со аферата „ТАРБС“.

Да се потсетиме. ТАРБС е медиумски концерн од Австралија. Сопственикот Магди Булос склучил прилично коруптивен договор за пренос на сателитската програма на Македонската телевизија во Австралија, со МТВ, со МРД и со Република Македонија. Во 2004 година, ТАРБС оди во стечај, а во Македонија се појавуваат претставници на фирма „Тарбс Европа“ од Грција, со тврдење дека ТАРБС (кој веќе бил во стечај) им го пренел договорот и со побарување од 72 милиони евра кон Република Македонија. Со добра работа на адвокатскиот тим, нашата држава ќе го добие процесот во Комерцијалниот суд во Лондон. Но, како куриозитет се памети дека еден од луѓето што ги плаќа адвокатите на „Тарбс Европа“ да ја спремат тужбата против Република Македонија е лично Ден Дончев. Во текот на судската постапка, на интернет ќе се појават и снимки од состанок на македонскиот тим (во кој имало и луѓе на Дончев). Некој од присутните снимал тајно.

Сега „Фокус“ открива податоци дека сопругата на Ден Дончев, Ѕунка Донева, била сопственичка на фирмата „Вентуре Оне“, која пред да биде ликвидирана во 2010 година, била регистрирана на истата адреса како и фирмата „Тарбсмак“, дел од австралиската групација ТАРБС. Допрва ќе треба да се расплете дали е ова само коинциденција или има нешто повеќе од тоа. Дотолку повеќе што според документацијата, како сопственик на „Вентуре Оне“ се јавува истоимена компанија со седишта на бахамските острови Туркс и Кајкос, кои се оф-шор зона.

Ден Дончев, против кого се водат и истражни дејствија и за проширена кривична пријава во која се тврди дека ја рекетирал фирмата „Диамед“, засега е во Македонија.