Муслиманите во БиХ не смеат да користат вакцини кои содржат свински желатин

Исламската верска заедница на Босна и Херцеговина им порача на своите припадници да не ги користат вакцините против коронавирусот кои содржат состојки од свинско потекло.

Свинскиот жалатин се користи како стабилизатор во текот на транспортот и складирањето на вакцините. На муслиманските верници во БиХ, инаку, строго им е забрането консумирање свинско месо и производи од ова животно.

„Муслиманите се должни да се определат за вакцините кои не ја содржат таа компонента (свинскиот желатин), а се ефикасни во лекувањето на коронавирусот“, соопшти кабинетот на поглаварот на Исламската заедница во БиХ.

„Доколку не постои друг избор, последниот збор за тоа треба да го даде струката, фармацевтската и шеријатско-правната“, се додава во соопштението.

Сепак, Исламската заедница конечниот став за тоа ќе го заземе откако ќе биде запознаета со резултатите од лабораториските анализи.

Објавата од Сараево доаѓа ден откако Британското муслиманско медицинско здружение во петокот извести дека свинскиот желатин веројатно ќе биде застапен во повеќето вакцини поради големата побарувачка, постојните синџири на набава, трошоците и покусиот рок на траење на вакцините, а поради забрзаното производство на што поголем број дози. Компаниите производители информираат дека не можат да гарантираат дека во нивните вакцини нема да има свински желатин.

Истовремено во саботата, здравствените власти објавија дека во федерацијата БиХ во последните 24 часа се регистрирани 187 нови случаи на зараза со короанвирусот, а во Република Српска 241, додека во Дистриктот Брчко 11. Во целата земја во последното деноноќие е регистриран 21 смртен случај од поседици на Covid-19.