Муслиу: Назначен сум од Пендаровски зад кого застана и ДУИ

Еролд Муслиу, новиот директор на Агенцијата за разузнавање, одби да ги коментира изјавите на челниците на ДУИ дека се загрижени откако него на оваа функција го постави новоименуваниот претседател на државата, Стево Пендаровски.

Муслиу објасни дека потребно е да се почека одлуката да излезе во Службен весник и неговата директорска функција да се официјализира.

Не можам да дадам изјава сѐ додека не видам дека одлуката за мое именување, директор на Агенцијата за разузнавање е излезена во Службен весник. Нема проблем, од понеделник ви стојам на располагање, рече Муслиу, пренесе Алсат.

Додаде дека не е запознаен со изјавата на вицепремиерот Османи, и повтори дека тој на позицијата е именуван од шефот на државата.

Не сум ја прочитал таа изјава на вицепремиерот Бујар Османи, меѓутоа вчера слушнавте, имаше став и од Претседателот, јас сум именуван од Претседателот  Стево Пендаровски, рече Муслиу.

Вицепремиерот Бујар Османи во врска со назначувањето на Еролд Муслиу на чело на Агенцијата за разузнавање за Алсат М претходно изјави дека Вчерашната одлука на претседателот не вознемири сите.

Мислиме дека тоа беше одлука донесена поради недостиг од информации, рече Османи.

Османи додаде дека сѐ додека не се расчисти во целост Кумановскиот случај, опфатените лица не можат да заземаат клучни позиции во институциите. Се надева дека Претседателот ќе го разгледа уште еднаш изборот на Муслиу, за кој верува дека не го направил тоа за други цели.

ДУИ е политичка партија, Бујар Османи е вицепремиер, не знам која функција ја има во политичката партија, не знам каква изјава дал, не знам кој е ставот на политичката партија ДУИ, но колку што знам тие се заедно во влада со СДСМ, значи го поддржаа претседателот Стево Пендаровски, што да кажам понатаму, заклучи Муслиу.