Мустафа: Не зборуваме за коалиција без да се исцрпат уставните патишта на Самоопределувањ

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа потврди денеска дека ги започнал подготовките за формирање нова влада на Косово, за што упатил барање до Генералното собрание на партијата за дозвола за коалиција со опозицските Алијанса за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и со партиите на немнозинските етнички заедници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Меѓутоа, вели Мустафа, за конретизирањето на таа коалиција нема да стане збор, без да се исцрпат уставните можности Движењето Самоопределување, како партија победничка на изборите од 6 октомври, да го добие мандатот за да формира влада.

– Побарав начелна согласност од Генералното собрание. Нема да разговарам за конкретизирање на коалицијата со ниеден од субјектите (…) без да се исцрпат сите уставни патишта за да го добие мандатот ВВ, како партија релативна победничка на изборите, изјави Мустафа за агенцијата КосоваПрес.

Тој информира дека највисокото партиско тело ќе треба да гласа во врска со неговото барање за идна коалиција, најдоцна до утре во 16 часот.

Самоопределување се уште нема одговорено на повтореното барање на претседателот на државата Хашим Тачи, од 10 април, да предложи мандатар за формирање нова влада, откако на кабинетот на Албин Курти на 25 март му беше изгласана недоверба од Собранието, на барање токму на партијата на Мусафа, која дотогаш беше дел од владината коалиција.

По првото писмо она Тачи, упатено на 2 април, Курти, како лидер на ВВ и вршител на должноста премиер, порача дека негов приоритет моментно е борбата против епидемијата на Ковид-19, додека за формирање нова влада, според негово толкување на Уставот, потребно е да се оди на нови парламентарни избори, кои би се одржале по надминувањето на здравствената криза.

На октомвриските вонредни парламентарни избори во Косово, ВВ на Курти освои 26,27 отсто од гласовите, со што обезбеди 29 пратенички места во 120-членото Собрание на Косово, додека ЛДК на Мустафа беше втора, со 24,55 отсто од гласовите и еден пратеник помалку.