Музеј на панкот ќе биде отворен во Лас Вегас

Додека дебатите за тоа дали панкот е мртов или не траат со децении а одговорот сè уште не е на повидок, тој заврши во музеј – на 10-ти март ќе биде отворен Музејот на панк-рокот во Лас Вегас, единствениот постојан музеј посветен на овој музички жанр во Америка.

Идејата за музејот ја дал Мајк Буркет Fat Mike, басист и вокал на бендот NOFX, кој сакал да отвори продавница за панк-рок со предметите што ги собирал, но неговата визија набрзо прераснала во музеј управуван од „панкер колектив“ – покрај него се и гитаристот Пет Смир од The Germs, скејтерот Тони Хок, тапанарот Вини Фиорело од Less Than Jake и други.

Ќе бидат изложени акустична гитара од бендот Rise Against, маица на Деби Хари, зелена моторна пила користена од бендот Sum 41, црвени шлемови од Devo, фотографии, сет листи и рачно напишани текстови, уметнички дела, флаери…, објави Музејскиот центар за документација (MDC) во неговиот преглед на новите музеи.

Посетителите ќе можат да свират со инструментите на панк-рок музичари во интерактивната поставка, а ќе има и салон за тетовирање, капела за венчавки, продавница и бар „Triple Down“ во кој ќе се служат топли пива.

Од MDC, исто така, објавија дека Музејот Манчестер, кој има енциклопедиска колекција од 4,5 милиони предмети, вклучувајќи египетски мумии, скелети на диносауруси и вивариум со живи жаби од Костарика, ќе биде отворен на 18-ти февруари по преуредување коешто чинело 15 милиони фунти.

Кон средината на годинава ќе биде отворен и „Gainsbourg“ во Париз, куќата во којашто живееше и почина францускиот музичар Серж Генсбур и која стана главно место за аџилак на обожавателите и туристите. Зад музејскиот проект стои Шарлот Генсбур, ќерката на пејачката со Џејн Биркин. Заедно со откривањето на внатрешноста на куќата, има и бутик-книжарница и кафуле кое навечер се претвора во пијано бар.

Young V&A, до неодамна позната како Музејот на детството на V&A, како филијала на лондонскиот музеј на Викторија и Алберт, треба повторно да се отвори во текот на летото со интерактивен дисплеј за да допре до децата родени од 2015 година, или таканаречената Генерација Алфа.

Во Сеул ќе биде отворен Музејот на роботи и вештачка интелигенција, со цел да поттикне поголем интерес и едукација за роботите, науката, технологијата, иновациите, како еден од неколкуте музеи што се градат во северниот дел на градот.

Варшавскиот музеј за модерна уметност треба да се всели во нова четирикатна зграда на крајот на годината, која ќе вклучува изложбени простори, предавални и работилници, кино, кафуле и музејска продавница на околу 20.000 квадратни метри.

Поради политички немири, еколошки и финансиски проблеми, пандемијата, отворањето на Големиот египетски музеј во Каиро е одложено од 2002 година, но тоа може да се случи оваа година. Тоа е најголемиот проект за изградба на музеј во светот, сместен во подножјето на пирамидите во Гиза, со повеќе од 100.000 предмети во својата колекција.