Музичарите јавно се оградуваат од „помошта“ од 6.000 денари

Одлуката за помош во вид на платежна картичка од 6.000 денари за естрадните уметници и останатите музичари коишто не остваруваат приходи во сите изминати месеци, не ја прифаќаме и јавно се оградуваме – порачаа од Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика – Сега!“. Додаваат дека очекувале преговорите со власта, кои веќе биле започнати, да продолжат и да се најдат конкретни решенија, со цел помош на музичката фела, која поради пандемијата се наоѓа во незавидна состојба.

-Овој „систем“ на „помош“ со разни платежни картички не го прифаќаме и најостро реагираме на вакво подбивање со јавноста и дефокусирањето дека во четвртиот пакет мерки се опфатени и овие луѓе, што апсолутно не е точно. Оваа „помош“ и онака нема да стигне до повеќето луѓе што не фигурираат како пасивни баратели на работа и сите други што директно зависат и зависеле од неформалната економија. Исто така, цениме дека самите категоризации и критериуми по кои се бира кому ќе биде доделена оваа „помош“ којашто не значи ништо и не може да покрие ниту еден минијатурен дел од секојдневните трошоци на овие луѓе, се тотално небулозни и вклучува повеќе категории и останува сосема нејасно врз база на кои параметри и критериуми е донесена оваа одлука, и кои претставници на музичарите и културните работници беа консултирани при донесувањето на одлуката, наведено е во јавното соопштение на здружението.

Од „Музика – Сега!“ реагираат дека додека музичарите не смеат да настапуваат, слободно по 24 часа работат обложувалници, казина и останати објекти. Посочуваат дека ниту еднаш официјално не било објавено со конкретни бројки, каде, на кој музички настан, во ресторан или пак на концерт, се заразиле повеќе луѓе.