11.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Музичарите денеска ќе протестираат, а угостителите ќе ги затворат објектите

Музичарите повикувајќи ги сите засегнати од оваа индустрија, за денеска најавија протест пред Влада.

Протестот е закажан од 14 до 17 часот, под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“. Истиот е замислен како музички хепенинг, а иницијативата за него почна на социјалните мрежи, каде бројни угостители и музичари го искажуваа револтот од најновите, поригорозни мерки на Владата за работа на угостителските објекти и локали и забраната за настапи.

-Македонската естрада со голем музички хепенинг, без скандали или сензации, ќе оддржи за првпат голем протест пред Владата. Целта ни е да докажеме дека сепак постоиме, дека има огромна слога меѓу нас, дека ќе се бориме од денес па натаму многу посериозно за нашите права, а со тоа сакаме да ги претставиме нашите строги барања и протоколи пред државните органи“, изјавија од НУК, Независната угостителска комора.

Независната угостителска комора (НУК) најави дека доброволно ќе ги затвори сите објекти на две недели во знак на незадоволство од најновите протоколи предложени од Комисијата за заразни болести, а донесени од Владата.

-Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но што ако ковид-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот, наведува претседателот на комората Здравко Јосифовски.

Според НУК, новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на зaбoлени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава.