Музика од Гоце Стевковски на водечката џез плејлиста во светот

Кураторите на најголемиот светски сервис за слушање музика, Spotify, вклучија композиција од Гоце Стевковски на нивната плејлиста State of Jazz.

Станува збор за песната Monday, која го отвора новиот албум на септетот на Гоце Стевковски, наречен Homage to a Dreamer. Албумот, во Македонија, на компакт диск го издаде Скопје Џез Фестивал, додека дигиталното издание за светскиот пазар излезе на 17 август под етикетата на Филтер Лабел. Инаку, се работи за второ албумско издание на групата Гоце Стевковски Септет, на кое се наоѓаат седум нови композиции напишани од Стевковски.

Плејлистата State of Jazz, која ја подготвуваат кураторите на Spotify, важи за еден од најрелевантните избори на она што е квалитетно во светската џез продукција. На листата има вкупно 75 песни, а композицијата Monday на Стевковски е во друштво на музика од новите изданија на Brad Mehldau Trio, Kamasi Washington, Steve Turre, Trygve Seim, Charles Lloyd & The Marvels и други претставници на светската џез елита.

Интересно е што Monday се појави на оваа листа уште на денот на објавувањето и тоа на високото 8 место. Ваквата поддршка од Spotify ни влева оптимизам дека може да се очекува во следните недели и други композиции од албумот на Гоце Стевковски Септет да се најдат на популарните плејлисти на водечкиот сервис за музички стриминг во светот.

Инаку, покрај на Spotify, албумот Homage to a Dreamer може да се даунлодира и да се слуша од сите релевантни дигитални сервиси во светот. За песната Monday е снимен и видео спот, кој може да се погледне на https://youtu.be/kqBy_Pp3684