МВР со детали за акцијата на Економски факултет

Вкупно осум кривични пријави се поднесени против шест професори, еден асистент и сопственик на бифе на Економскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

Како што информира министерот за внатрешни работи Митко Чавков пет лица се приведени во текот на вчерашниот ден, а три лица денеска ќе бидат повикани на информативен разговор.

Осомничените се на возраст од 29 – 65 години. Тие се товарат дека сториле повеќе коруптивни дела како „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“ и „давање поткуп“.

Според досега документираните сознанија, пријавените во текот на 2015 и 2016 година заради стекнување на противправна имотна корист ја искористиле својата службена положба на начин што од студенти на „Економскиот факултет“ Скопје, директно или индиректно барале парични средства за да им овозможуват на истите да се стекнат со преодна оцена по предметите кои тие ги предаваат, без притоа студентите да покажат соодветно знаење.

Сумите кои биле барани од студентите се движеле од 500 до 1000 евра. За сметка на добиените пари, тие им впишувале преодни оцени кои не ги заслужувале, а документирани се и случаи каде оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или пак воопшто не го пријавиле испитот во испитната сесија.

Во некои од случаите шемата била разработена така што сопственикот на бифето го земал директно од студентите, а потоа го предава на асистентот, за истиот да ги даде на професорите со цел истите во индексите на студентите да впишат преодна оценка.

Станува збор за предметите „Основи на економија“ и „Основи на сметководството“, „Математика за економисти“, „Статистика за бизнис и економија“, „Економика на претпријатија“ и предметот  „Менаџмент на мали бизниси“.

Во текот на вчерашниот ден биле извршени 13 претреси во 7 домови, 4 во кабинети на професори, во просториите на бифето и во студентски прашања.

При претресот кај еден од осомничените во возилото кое го управувал пронајдени се парични средства во износ од 1000 евра (16 банкноти во апоени од 50 евра, како и две банкноти во апоени од 100 евра) кои се предмет на кривично дело. Кај друг професор пронајден е и одземен телефонски апарат Ајфон 6, предмет на кривично дело, а пак во неговиот кабинет пронајдени и одземени се четири индекси сопственост на студенти од „Економски факултет“ Скопје, а во домот на друг осомничен е пронајден еден индекс. При извршениот претрес во просториите на бифето пронајдени се две пријави за испит, а пак од просториите на студентски прашања при „Економски факултет“ Скопје одземени се 17 досиеја на студенти најчесто од прва студентска година. Исто така при претресите пронајден е нотес во кој се содржани податоци од студенти, матични броеви и слично.

Од вкупно осум пријавени, пет лица се приведени и задржани во ПС Кисела Вода, а пак за лицата Т. Ф., С.Д. и Љ.Ј. од страна на Јавното Обвинителство изготвени се покани за раговор кои денеска ќе им бидат доставени.