МВР достави известување до ОЈО за инцидентите со навивачите

Секторот за внатрешни работи Скопје во изминатите денови интензивно работеше на расчистување на двата настани во кои беа инволвирани навивачки групи и други граѓани во Скопје, на подрачјето на ЕВР Центар и ЕВР Ѓорче Петров, на 13 и 19 септември и денеска до надлежното јавно обвинителство достави соодветно известување.

Беа преземени сеопфатни мерки и активности во насока на расчистување на истите, утврдување на фактите во врска со настаните и идентификација на инволвираните лица во истите, преку обезбедување на видео записи, разговори со лица инволвирани во настаните и др. Во полициска станица беа повикани 16 лица, а се преземаат и дополнителни мерки во оваа насока. Притоа, за сите досега преземени мерки и активности согласно Законот за кривичната постапка до Основното Јавно обвинителство во Скопје е доставено Известување за настанот од 19.09.2020, додека за настанот од 13.09.2020 известување ќе биде доставено во текот на утрешниот ден. По завршување на мерките и активностите согласно добиените наредби од Основното јавно обвинителство во Скопје и по комплетирање на документацијата ќе биде доставен соодветен поднесок согласно Законот за кривична постапка, за што дополнително ќе бидете известени.

МВР апелира до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини, што е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик.