МВР два дена не знае каде им бил џипот и кој го однел во Грција

Луксузното теренско возило од типот „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“, кој според нашите сознанија го должи директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), по два дена Министерство за внатрешни работи го најде во Скопје, и тоа во кругот на МВР.

Како што во саботата објави НетПрес по добиен фото и видео материјал од петокот, наводно споменатиот џип во соседна Грција превезувал четири девојки кое летуваат во кампот „Евридики“, а една од нив е ќерката на директорот на БЈБ.

Претходно во саботата Министерството за внатрешни работи всушност ја потврди информацијата на Редакцијата дека во Грција е забележано луксузно теренско возило кое е сопственост на Министерството за внатрешни работи, но коешто се користи во приватни цели.

„Возилото за кое информиравте е сопственост на МВР, и е возено од службено лице вработено во министерството. За користењето на службеното возило ќе бидат известени соодветни органи во структурата на министерството кои ќе го истражат случајот, а за резултатите од истрагата ќе бидете навремено информирани“, одговорија во саботата рано попладнето од МВР.

Во неделата околу пладнето, МВР до Редакцијата испрати малку проширен одговор во кој, по речиси два дена, прецизира дека возилото е управувано од службено лице и оти се наоѓа во кругот на Министерството.

„Во врска со Вашиот напис за користење на службено возило на МВР, Ве информираме дека споменатото возило е сопственост на МВР и е управувано од овластено лице, вработено во МВР. Возилото викендов е во Скопје, во кругот на МВР. Министерот Спасовски, согласно своите овластувања, побара Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди да изврши проверки и да му достави извештај со наоди од спроведените проверки. По завршувањето на проверките, соодветно ќе ја известиме јавноста и ќе бидат превземени соодветни мерки“, се наведува во одговорот на Министерството за внатрешни работи.

Меѓутоа, двата одговора укажуваат на фактот дека возилото во саботата не било забележано на паркингот на МВР. Покрај тоа, не се дава одговор ниту на другиот факт дека џипот е снимен на автопат и во камп во Грција, како што тврдат нашите извори. Сепак, изостанува одговорот како е можно конкретното возило да е снимено во Грција, откако претходно во саботата од МВР потврдија дека станува збор за возило во сопственост на Министерството. Исто така, изостанува и појаснување дали џипот бил деновиве на територијата на јужниот сосед и кого евентуално превезувал.

Ако е за утеха, но воедно и како потврда дека, сепак, можеби има нешто во овој случај на евентуална злоупотреба на службеното возило на МВР за приватни цели, е и делот од одговорот дека министерот Оливер Спасовски побарал да се испита случајот.