МВР го демантира написoт на Експрес

Министерството за внатрешни работи најостро ги осудува шпекулациите пласирани од страна на порталот „Експрес“ на текстот со наслов: „Дали ‘бегалецот’ поради кој настрадаа тројца полицајци е висок полициски службеник – МВР не ги објави иницијалите на сторителот“, кој потоа беше споделен и од вашиот портал, наместо ова прашање да го доставите до МВР, од каде секојдневно и редовно се доставуваат одговори на сите новинарски прашања, вие прашањето го употребувате како тврдење за комплетно шпекулативен текст, полн со инсинуации, без никакви факти и аргументи, во кој се вперува прст во „висок полициски службеник“, што го покажува и вашиот мотив на тој начин да нанесете штета на институцијата.

„Во Извадокот од билтенот на дневни настани на МВР од 17.08.2021, само неколку часа по збиднувањето, настанот е објавен:  На 17.08.2021 околу 01.45 часот во Сончев град, на патот кон ул.„Мариовска“ за место викано „Теферич“, при даден знак за запирање од полициски службеници на патничко возило „шкода октавија“, без регистарски ознаки, во кое биле едно женско и едно машко лице, возилото не застанало. При обид да ги запрат, службеното возило на МВР излегло надвор од коловозот. Притоа, еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди, а двајца полициски службеници со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Се работи на расчистување на случајот”, пишува во билтенот на МВР во кој невообичаено за вакви настани не се објавени иницијалите на луѓето кои предизвикале повреди на тројца полициски службеници.

Притоа, иницијалите на двете лица во возилото не се ставени во информацијата, затоа што по нив сѐ уште трага полицијата, односно во моментов се повикуваат на разговор лица кои би можеле да дадат дополнителни информации, значајни за расчистување на случајот. За разлика од вас, Министерството за внатрешни работи во своите дневни билтени не објавува шпекулации, туку се држи до фактите, а за потсетување тоа е и ваша професионална обврска.  Доколку имате докази со кои можете да придонесете за расчистување на случајот, ве повикуваме да ги доставите во најблиската полициска станица.

Министерството за внатрешни работи согласно законот, бара веднаш да биде објавен овој демант заедно со извинување, и да биде повлечен невистинитиот текст, во спротивно ќе ги користи сите законски расположиви средства кои стојат на располагање“, се вели во демантот на МВР.