МВР го објаснува инцидентот во скопски Чаир со учество на полициски функционери

Како што објавија во понеделникот вечерта повеќе медиуми во скопски Чаир по  вербална расправија која преминала во физички напад, учествувале од една страна заменик директорот на Бирото за јавна безбедност придружуван од уште едно лице, а од друга страна началникот на ЕВР Чаир, Едмонд Миртезани.

Како што бееш објавено синоќа, началникот бил нападнат, а во еден момент лицето кое било во друштво на заменик директорот на БЈБ, извадил пиштол и испукало еден куршум кон началникот. Тој повикал полициски службеници кои тргнале да го приведат лицето кое пукало, но заменик директорот дал наредба тој веднаш да биде ослободен,

Од Министерството за внатрешни работи во вторникот попладнето писмено одговориле на прашањата на порталот Курир.мк.

„На 23.05.2022 е пријавено дека околу 19:45 часот  полициски службеник од ЕВР Чаир во близина на ресторан на ул. „М.К. бригада“ во Скопје запрел возило „митцубиши“ кое имало вклучено т.н. флешери. Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на местото на настанот пристигнал и М.Љ. со уште неколку лица, при што физички го нападнал полицискиот службеник. На местото на настанот пристигнале и други полициски службеници, кои биле нападнати од групата. М.Љ. испукал од пиштол во воздух, но бил совладан од полициските службеници и пиштолот му бил одземен, а од пукањето нема повредени лица“, се наведува во извештајот на МВР за КУРИР.

Потоа, се додава во одговорот, дошле и други лица, меѓу кои и полициски службеници, по што М.Љ. се дал во бегство.

„По М.Љ. бил распишан централен распис, но тој во текот на денешниот ден сам се пријавил во полициска станица. Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, обезбеден е пиштолот и видео снимки од настанот и се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци“, истакнуваат од МВР за Курир.мк.