МВР го поддржа протестот за „Јавна соба“ и најави постапка

Министерството за внатрешни работи ги поддржа барањата на граѓаните кои денеска протестираа за случајот Јавна Соба. Граѓаните на протестот бараа казни за лицата кои објавувале експлицитни фотографии од девојки.

МВР смета дека е важно е да се подигне јавната свест за појавите како Јавна Соба, но и дека е важно и ефикасно делување на институциите на системот.

Оттаму додаваат дека  преземаат чекори коишто придонесуваат во истрагата за Јавна Соба, со цел санкционирање за одговорните.

„Веќе се приведени четири лица, извршени се претреси, одземени се телефоните кои се вештачат и коишто ќе бидат предадени на Јавно обвинителство. Воедно, идентификуваме и детектираме дополнителни лица коишто биле дел од Јавна Соба.

– Сакаме да уверам дека неселективно постапуваме кон сите што се детектираат и идентификуваат и ќе биде спроведена постапка, сѐ со цел да се обезбедат докази и да се достават до Јавното обвинителство. Веќе информиравме за слична група, во која има и членови кои не се од нашата земја, а на којашто се приклучуваат и членови од земјава, така што и тука се постапува и се следи и за сите други активности коишто ги имаме за други групи на социјалните мрежи, будно следиме будно и покренуваме соодветни постапки – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.