МВР: Граѓаните да останат мирни, се преземаат мерки за разбивање на терористите

– МВР презема мерки за разбивање на вооружена група во кумановската „Дива населба“, потврди за МИА портпаролот на МВР Иво Котевски. Акцијата, која се одвива по претходно добиени оперативни сознанија дека во тој дел од градот има вооружена група, се уште трае. Се врши и претпрес во околните куќи, каде постојат информации дека имауште припадници на вооружената група од странство.

Според Котевски, терористичката група е добро вооружена и е обучена за борба во вакви услови.

Специјалците на МВР утрово при акцијата наишле на жесток напад со бомби и снајперски оган од вооружената група.

Од МВР апелираат граѓаните да останат мирни. Од итна помош информираат дека имаат две екипи на терен во тој дел од градот, но и тие немаат детални информации за евентуални повредени лица.

Истрели од рафално оружје, звук на хеликоптери ги возменирија кумановци од четири часот утрово. Најмногу се слушаат во „Дива Населба“, но и во речиси целата зона во тој дел од градот. Вработените од фирмите кои се лоцирани во западниот дел од градот биле вратени, бидејќи улиците се затворени.