МВР истражува дали градоначалникот на Шуто Оризари малтретирал маж во својата канцеларија

Полицијата ќе го истражува случајот со објавената снимка наводно за градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш во која се слуша дека маж за кого се тврди дека наводно е градоначалник на скопската општина малтретира машко лице затоа што го опцуло.

Обвинителството нема оворено предмет, а реакции има од партиите. Во соопштение СДСМ бара одговорност и осуда за насилството.

„Очекуваме сите надлежни институции да постапат, да го расчистат случајот и да ја информираат јавноста. Моралните аспекти и личната совест, како и човечкиот интегритет се вредости кои подразбираат и одговорно однесување и делување. Одговорност мора да има, законите важат за сите подеднакво“, велат од СДСМ.

Опозицијата го осуди инцидентот и го нападне премиерот Зоран Заев дека толерира насилство. Градоначалникот Курто Дудуш за некои медиуми демантира дека малтретирал човек, вели дека снимката е монтирана. Меѓутоа, порталот Лидер попладнето во саботата ја објави целата снимка од случувањето.