МВР не размислува за кризна состојба во Скопје, но можни се поригорозни мерки

Во Скопје не се размислува за воведување кризна состојба, со оглед на тоа што бројот на заболени од коронавирусот во државава постојано расте, но можно е воведување поригорозни мерки од актуелните, рече меѓу другото на прес-конференцијата во петокот министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

„Сакам да се заблагодарам на сите прирпадници на МВР кои го даваат максимумот. Сакам да информирам дека на подрачјето на СВР Скопје, на 215 лица им се изречени решенија  за изолација. Бројот на лица во самоизолација во Скопје е 1.088, а на територија на цела држава достигна 3.787. Во текот на изминатите 24 часа, МВР контролираше 182 лица за решение за изолација, а на територија на државата извршени се вкупно 390 контроли. Во текот на изминатите 24 часа, извршена е контрола на 712 лица во самоизолација. Од нив, 27 кои требало да бидат во самоизолација на територија на државата не се затекнати на адресите. Полициските службеници прават контроли двапати дневно на лице кои се во изолација“, истакна Чулев.

„Ќе се постапува и полицајците ќе преземаат мерки и активности за растурање на групи кои имаат повеќе од пет лица, а и онаму каде се собираат лица во приватни куќи. Ако не се почитуваат овие одлуки полицајците ќе преземат мерки за растурање најпрво со предупредување, а потоа согласно Законот за јавниот ред и мир.

Службите на МВР денеска, а и сабота и недела ќе ја согледаат потребата за тоа дали ќе може да се пролонгираат истечените регистрации. “Инаку обврската ако се продолжи овој рок ќе биде проблем со осигурувањето“, појасни Чулев.

Министерот порача и дека нема потреба од ангажирање на резервниот полициски состав, во одговор на новинарско прашање на денешната прес конференција. Како што рече Чулев, таквата потреба не се наметнува бидејќи по прогласувањето на вонредната состојба, МВР има заеднички оперативен штаб со АРМ. Сепак, не исклучи активирање на резервистите во случај на потреба.