МВР: Нема кражба на струја, а копањето криптовалути не е кривично дело

Не е утврдена било каква кражба на електрична енергија во подрумските простории во Градскиот трговски центар, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР) по денешната спроведена акција во ГТЦ, каде што, наводно се наоѓале машини за „копање“ криптовалути приклучени на див приклучок на струја.

„Денеска во  14:45 часот во СВР Скопје, А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ имало поставено машини за копање крипто валути, односно дека заради наводна интернет трговија со крипто валути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со крипто валути. Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик“, соопшти МВР.

Во август 2021 година, додаваат од Министерството за внатрешни работи, по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело „кражба на електрична  енергија”, исто така било постапувано од страна на полицијата на истата локација и не била констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на криптовалути.

„Имено, копањето на криптовалути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик на РСМ“, соопшти МВР.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.