МВР: Новинарските здруженија да го осудат неодговорното однесување на некои медиуми

60

Министерството за внатрешни работи изразува загриженост и очекува новинарските здруженија и меѓународните претставници да го осудат неодговорното и непрофесионалното однесување на некои медиуми, кое можеше да резултира со трагични последици.

Во соопштението на МВР се вели:

„Уште пострашно и позагрижувачко во целиот контекст е што истата неточна и непроверена вест, во континуитет беше пренесувана и реобјавувана од едни исти медиуми, со што се стеснува просторот за толкување на истата како незнаење или непрофесионалност на новинарите и уредниците. Напротив, со малку поширока анализа поголема веројатност добиваат претпоставките дека лажните вести биле пласирани тенденциозно со намера да се предизвика поголем револт кај граѓаните и ескалирање на целата состојба.

Конкретно, порталот „Плусинфо“ со текст на новинарот Горан Наумовски, на 20.05.2014 во 20:08 часот, објави дека „Полицијата употреби шок бомби и пендреци и претепа повеќе од 50 граѓани, меѓу кои и девојчиња и мајки, а насилно по улица влече и малолетни деца“.

Неколку минути подоцна, истиот портал во 20:15 часот, објави дека „Најмалку 50 повредени има во моментов во Ѓорче Петров, меѓу кои и повозрасни граѓани, а не можат да побараат помош од лекар зашто се затворени сите улици од полицијата која против граѓаните почна да употребува и шок бомби кои ечат на секои 10 секунди на главната улица која наликува на воена зона. МВР против граѓаните кои мирно протестираа испрати дополнителни единици од блиските полициски станици. Како што дознаваме, вистинска „војна“ се случува на потегот после бурекџилницата „Цујо“, од каде немирите се преселија на локалните маалски улици“.

Веднаш потоа, ваквите невистини и шпекулации, како по правило беа преземени од портали кои негуваат слична уредувачка политика, но и Невладини организации како „Цивил“, кои без да се информираат реално за состојбата застанаа во одбрана на хулиганите кои каменуваа и палеа, осудувајќи ја полициската интервенција. Така на порталот А1 он на 21.05.2014 година во 13.19 часот е објавено дека „Цивил – Центар за слобода го осудува чинот на прекумерна употреба на сила врз демонстрантите од страна на полициските службеници при нивното приведување за време на вчерашните немири во населбата Ѓорче Петров“.

Истиот портал „Плусинфо“, повторно во текст на истиот новинар, еден час подоцна ги корегираше бројките и повредените ги намали од 50 на 10. Поточно на 20.05.2014 во 21:38 часот порталот објави „Возила на итната помош пред околу 40 минути пристигнаа во Ѓорче Петров да им помогнат на околу десетина повредени лица кои се дел од групата што го изразува револтот по убиството на младиот Ангел.  Приведени се околу 50 лица.“

Оваа вест, ведаш беше преземена и објавена и од други портали, без да се доведе во прашање нејзината веродостојност, иако се наметнуваат повеќе дилеми. Одеднаш веста во која се тврдеше дека „50 повозрасни граѓани не можеле да побараат лекарска помош“, се трансформираше во друга дезинформација според која „возила на итната помош пристигнале уште во 21.00 часот и укажале помош на 10 лица, а биле приведени 50-тина“.

Поразителен е фактот што спротивно на професионалната етика, новинарот не нуди ниту еден доказ за пласираните дезинформации. Новинарот кој наводно известувал од лице место, ниту еднаш не се обрати до официјалните институции да побара потврда или став за објавените информации. Повеќе од очигледно е дека во сите објавени текстови недостасува официјална информација во случај кога тензиите беа големи и секоја шпекулација можеше да предизвика катастрофални последици, а многу животи можеа да бидат доведени во опасност.

Вистината околу протестите одржани на 20.05.2014 година беше сосема спротивна од лиферуваните шпекулации. Официјалната информација беше соопштена и на пресконференција, вечерта во 21.45 часот на која не присуствуваше ниту новинарот, ниту некој од неговата редакција.

Од тие причини Министерството очекува да биде осудено ваквото неодговорно работење на некои медиуми, особено и заради фактот што уредници во истите, во сопствена колумна го посочија кој е нивниот став и политиката на порталот. Имено под наслов „Злото треба да се види, а не да се прикрива со апели!“, уредникот Бранко Героски напиша „Апелирајќи на разумно однесување, драги мои, ништо не постигнуваме, освен што и самите го легитимираме злото, намалувајќи ги неговите последици, а и шансите луѓето да го препознаат и да му се спротивстават. Со нашите апели врз себе го навлекуваме оправданиот револт на луѓето, небаре ние сме задолжени да им обезбедиме сигурен живот и спокојство“.“

 

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.