МВР откри 30 нови илегални мигранти

Полицијата завчера откри триесет илегални мигранти, кои преку Македонија требало да стигнат во некоја од ЕУ земјите. Шест Македонци добија кривична пријава бидејќи го организирале криумчарењето на мигрантите и се занимавале со трговија на луѓе.

На Џ.С. (23), Е.И.(27), Ќ.Б.(45), Д.Ј. (26) и А.А.(30), им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека првопријавениот Е.С. (33), е сеуште недостапен.

Имено овие шестмина, сите од Скопје и А.А.(30) од Куманово и уште две засега непознати лица за пари прифатиле поголема група илегални мигранти кај “Валандовско Брдо“, од каде и се обиделе да ги транспортираат преку Струмица и Радовиш, до подрачјето на Куманово, со цел нивно понатамошно криумчарење преку Србија кон некоја од земјите на ЕУ.

Завчера пријавените оствариле средба на бензиската пумпа “Макпетрол“, лоцирана на автопатот Скопје – Велес, пред наплатна рампа Петровец. На бензиската лицата се прегрупирале, така што, Е.С.  управувал “Ауди А6“ со скопски таблички, едното непознато лице управувало “Ауди А4“ со гостиварски таблички, Д.Ј. управувал “BMW 520“ со скопски таблички (во кое биле и пријавените Џ.С., Ч.Б. и Е.И., а второто непознато лице управувало “BMW 530“ со непознати таблички.

Кај Валандовско Брдо тие застанале и ги прифатиле илегалните мигранти, при што по налог на Е.С. 30 мигранти (од Сирија, Пакистан и Сомалија) биле распоредени во постариот тип на BMW, во “Ауди А4“ и во ПМВ “Фолксваген Голф“ со кумановски таблички и веднаш се упатиле во правец кон Струмица. Пред Струмица истите завртеле и продолжиле кон Радовиш.

На патот Струмица – Радовиш, од страна од страна на полицијата направен е обид да бидат сопрени пет патнички возила меѓу кои едно „БМВ“, две возила „Ауди“, еден „Фолксваген Голф“, сите со скопски таблички, како и едно возило по кое сеуште се трага. Наместо да застанат, лицата кои ги управувале наведените возила се дале во бегство.

Еден од полицајците испукал неколку куршуми во воздух за предупредување, по што едно од возилата скршнало кон патролата веројатно со намера да ги заплаши и прегази полицајците, доведувајќи ги во опасност. Еден од полицајците испукал кон возилото за да го оневозможи и го погодил во багажникот. При тоа е погодено едно лице, илегален мигрант, кој бил сокриен во багажниот простор. Ова било утврдено откако возилата биле сопрени на следниот поставен пункт во непосредна близина на клучката за Радовиш.

Имено едно возило било напуштено и оставено на половина километар од инцидентот, две од возилата имале меѓусебен судар во близина на следната контрола, едно возило било сопрено од полицијата, а петтото по кое се трага успеало да побегне. Илегалниот мигрант кој бил повреден е пренесен во Ургентниот центар во Скопје, каде му е констатирана огнострелна рана.

При акцијата се откриени и приведени вкупно 30 илегални мигранти со потекло од Сирија, Сомалија и Палестина, меѓу кои имало и шест малолетници на возраст од 5 до 13 години кои се сместени во Транзитниот центар за странци во Скопје.