МВР подготвува пријави против Бачев и демонстрантите од синоќешниот протест во Охрид

Министерството за внатрешни работи постапува по вчерашниот протест во Охрид каде група демонстранти се собра пред куќите на пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. Демонстрантите извикуваа говор на омраза, ги нарекуваа пратениците предавници, изроди и им се закануваа со висење на бесилка. Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, пак, вербално го нападна Василевски по што полицијата мораше да интервенира и да го тргне настрана.

Од МВР велат дека во соработка со Основното јавно обвинителство постапуваат по случувањата и се работи на собирање на докази. Откако ќе заврши постапката на прибирање докази, ќе се поднесат соодветни пријави, велат од таму.

Бачев веќе еднаш беше повикан во полиција на разговор поради закани кон пратениците. Тој ги предупреди пратениците дека нема да стигнат ниту до граница доколку гласаат за уставните измени.