МВР: Повторно се испратени лажни пораки за наводна тековна истрага

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека денеска до одредени граѓани и правни лица повторно, како пред десетина дена, од страна на сторител кој лажно се претставува во име на државниот секретар Магдалена Несторовска, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.

– Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителот. Министерството за внатрешни работи не користи електронска пошта за испраќање на покани до граѓани во врска со спроведување на истраги, туку тие покани се испраќаат во хартиена форма, со соодветна процедура, наведуваат од МВР.

Од Министерството апелираат граѓаните и правните субјекти да не отвараат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да превземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи.