МВР пред колапс – 1.000 полицајци на неплатен одмор, уште 4.000 бараат

4413

Околу 1.000 редовно вработени полицајци во МВР моментно се на неплатен одмор, а уште 4.000 го побарале истото и чекаат одговор од надлежните, дознава НетПрес од извори во ова министерство.

Нашите информации велат дека најголем дел од нив ја користат законската можност да земат неплатен одмор и заминуваат да работат во Агенции за обезбедување во Германија, Австрија, Велика Британија, или во некоја од скандинавските земји, а добар дел од нив и засекогаш заминуваат од земјава заедно со семејствата.

Според неофицијални информации, во моментот околу 1.000 вработени во МВР имаат земено неплатен одмор и најголем дел од нив среќата си ја побарале токму во странските приватни Агенции за обезбедување, или нешто што е поврзано со овој тип на активност. Запрепастувачки е тоа што уште 4.000 лица од МВР чекаат на листата за одобрување, со оглед на тоа дека станува збор на важен профил на кадар, значаен за безбедноста на граѓаните и на државата.

Овие Агенции за обезбедување и други приватни безбедносни структури, имаат особено потреба од професионални обезбедувачи и лица со полициско искуство, а платата што ја нудат е повеќе од задоволувачка и пресудна за вработените во полицијата без многу размислување да аплицираат и да прифатат такво работно искуство.

Имено, лицата кои работат како обезбедување, може да земат и до 4.000 евра месечно. Но, според профилот на лица вработени во МВР, кои се одлучуваат да заминат надвор од државава, дали привремено или на подолг период, не може да се заклучи дека парите се клучни. Според извори на „Нетпрес“, на ваков чекор се одлучиле и восокообразовани кадри во МВР, па дури и на ниво на началници, кои немаат ниски плати според македонскиот стандард.

„Нетпрес“ побара одговори од МВР, колку нивни вработени во моментот користат неплатен одмор, и колку се на листата на барање, но одговор не добивме.

Според некои проценки, Германија има потреба од околу 10.000 работници во сегментот на обезбедување. Нема некои посебни услови за вработување, потребно е кандидатот да има завршено срдено образование, а предност имаат лица кои работеле во безбедносни структури, како и дека кандидатот не бил казнуван.

Според македонските закони, вработено лице има право да побара неплатено отсуство поради лични причини или ако е избран или именуван за вршење некоја јавна функција, и за тој временскиот период не прима плата, за него не се плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување, а правата и обврските од работен однос му мируваат.

Неплатеното отсуство временски е ограничено, а ако вработениот користи неплатено отсуство од работа, работодавачот е должен да му издаде решение дека работникот користи неплатено отсуство, и да ја извести надлежната институција ‒ Агенцијата за вработување, а притоа работодавачот е должен да му го чува работното место.

Според податоци за МВР на страницата „Википедија“, во ова министерство работат 11.656 лица. Но, сите не се полицајци. Па, така бројките за оние кои се на неплатен одмор и оние кои го бараат моментно тоа се фрапантно големи во однос на бројот вработените.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.