МВР: СДСМ не го осудија вандалското однесување на протестите во Ѓорче

СДСМ во ниту еден момент не се стави во одбрана на јавниот ред и мир и не го осуди вандалското однесување на поединци кои немаа намера мирно да протестираат. Напротив цел на нападот на партијата, повторно беа професионалните полициски службеници кои ги ризикуваат своите животи за да не дозволат одреден број хулигани да успеат во своите намери за одмазда и дестабилизирање на состојбата – реагира Министерството за внатрешни работи на денешниот прес на СДСМ.

„Доколку на ваквите настапи на СДСМ се надоврзат информациите лиферувани во медиуми блиски до партијата кои за време на протестите јавуваа за 50 повредени жени и деца или шпекулираа со починати лица, станува јасно која страна ја одбрала опозицијата и зошто нема ниту еден збор осуда за насилничкото однесување. Грозоморното убиство беше осудено од Министерството за внатрешни работи и во максимално кус рок, експресно расчистено. Според информациите во медиумите, осомничениот и пред неговиот бранител ја потврдил вината и признал дека го убил 18 годишниот Ангел Петковски. МВР веднаш апелираше граѓаните да не подлегнуваат на провокации и да не дозволат да бидат инволвирани во посериозни инциденти. Благодарение на соодветната полициска интервенција, вчера беа спречени нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем и несакани ескалирања на состојбата и прелевање на инцидентите во соседните општини. Учесниците во неколку помали инциденти и каменувања на полицските службеници беа приведени. Станува збор за вкупно 35 лица, од кои голем дел и од општините Центар, Карпош и Аеродром. Против нив се поднесени пријави по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а за оние за кои ќе биде утврдена основа по целосно документирање на делата ќе следуваат и кривични пријави. При преземањето на активностите вкупно девет полициски службеници (седум припадници на ЕБР и двајца на СВР Скопје) се пожалија на некакви повреди кои не се од посериозен карактер, а беа оштетени и осум службени возила“, стои во реакцијата на МВР.

Оттаму апелираат до политичките партии и граѓаните да останат воздржани и да дозволат органите на прогонот непречено да ги завршат сите законски процедури околу докажување на одговорноста на осомничениот.