МВР уапси четири лица кои криумчареле мигранти

МВР спроведе три одделни акции за откривање случаи на криумчарење мигранти, при што се поднесени кривични пријави против четири лица, од кои тројца македонски и еден грчки државјанин.

Во првата акција откриени биле пет сомалијски државјани, шестмина авганистански и четворица сириски државјани коишто се пренесени во Прифатниот центар за странци.

Во првиот случај кривично пријавени се Р.Д. (41) од Шуто Оризари и М.А.(19) од Штип кој за 40 евра во договор со првопријавениот требало да пренесе четворица Сиријци на возраст од 27 до 22 години од месноста викана “Ребровски плантажи“ преку валандовско до Струмица. Од страна на полицијата во Валандово М.А. е спречен во обидот и приведен, а набргу потоа приведен е и Р.Д., додека сириските државјани се пренесени во Прифатниот центар за странци во Скопје.

Во вториот случај кривично пријавен е 23 годишниот М.И. од Валандово кој се обидел од село Марвинци до Скопје, односно до Куманово, да превезе шестмина државјани на Авганистан на возраст од девет до 30 години, кои илегално влегле во земјава од соседна Грција, со намера преку Србија да заминат во западноевропските земји.

Пријавениот бил откриен од полицијата во Демир Капија, и му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, додека илегалните мигранти се пренесени во Прифатниот центар за странци.

И во третиот случај кривично е пријавен грчкиот државјанин Т.Ц. (42) кој со автомобил “Мерцедес Спринтер“ во посебно направен бункер се обидел да пренесе петмина Сомалијци на возраст од 24 до 32 години од Грција преку Македонија до Италија.

Како резултат на зголемениот притисок од илегално миграциско движење од Блискиот и Далечниот Исток преку Турција и Грција, Македонија изминатите години бележи пораст на бројот на откриени илегални мигранти кои најчесто транзитираат на нејзината територија во обидот да влезат во некоја од земјите членки на Европската Унија.