МЗ: Има околу 160 празни кревети во ковид центрите

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекува вкупно 881 пациент позитивен и суспектен на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 81 пациент позитивен и суспектен на ковид-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 65 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 111 пациенти позитивни и суспектни  на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 126, во ковид центарот во Гостивар 61, а во Струга 39 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 71 пациент, во Кочани 24, во Кичево 20, Кавадарци 46,  во  Гевгелија 17 лица, а во Дебар 9 позитивни  и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, информира Министерството за здравство.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1326 и има околу 160 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во Гевгелија денеска започна поставувањето на модуларната болница за ковид-пациенти, а во текот на следната недела монтажа на објектите ќе започне во Струмица, Куманово, Струга и Кичево, информира Министерството за здравство.„Генерално, активностите во сите општини течат согласно утврдениот план и динамика. Општината Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници“, велат од Министерството.

Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба. Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти, прецизираат од Министерството за здравство.