МЗ: Не е завршен тендерот за набавка на томографи за болниците во Гевгелија и Кавадарци

Јавната набавка на компјутерски томографи за потребите на болниците во Гевгелија и Кавадарци сѐ уште не е завршена. Повторната евалуација на понудите сѐ уште е во тек и од страна на Министерството за здравство нема донесено никаква одлука за избор или поништување на набавката, информира Министерството за здравство, откако денеска на пресконференција пратеникот Антонио Милошоски обвини дека  набавката е завршена и дека фирмата што го добила тендаерот дала за 15 милиони денари повисока цена.

Министерството за здравство тврди дека е во тек повторена постапка на евалуација понудите која е побарана од Државната комисија за жалби по јавните набавки кај која се жалеле три компании.

„Од страна на Државната комисија за жалби по јавните набавки беа донесени Решенија со кои постапката ја враќаат на повторна евалуација. Повторната евалуација на понудите сѐ уште е во тек и од страна на МЗ нема донесено никаква одлука за избор или поништување, што значи постапката сѐ уште не е завршена, однсоно е во тек“, појаснуваат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство тврди дека тендерската постапка е спорведена законски  со консултирање и на компаниите кои учествувале на тендерот и со извршена  контрола од стана на Бирото за јавни набавки.

На тендерот се јавиле 8 компании.