МЗ: Уште четири лица со морбили, досега 111 заболени

Во последните 24 часа се регистрирани четири лица заболени со мали сипаници, од кои две се хоспитализирани, а две лица се прегледани амбулантски и пуштени на домашно лекување, информираат за МИА од Министерството за здравство.

Меѓу хоспитализираните, како што се посочува, е 17-месечно бебе од скопското село Студеничани, кое не било вакцинирано, и 35-годишна наставничка од градинка „Весели цветови“ од Кисела Вода.

Инаку, на Клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани 26 пациенти со морбили, а од почетокот на епидемијата се регистрирани вкупно 111 случаи со ова заболување. Во пунктовите за вакцинација денеска до 13 часот вкупно се вакцинирани 4.530 деца, наведуваат од Министерството за здравство.