МЖСПП: Југохром да ги постави филтрите

мжспп

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, денеска го охрабри раководството на компанијата Југохром да почне што поинтензиво да работи на поставување филтри.

Според него, непокажувањето знаци на добра волја од менаџментот на Југохром е загрижувачко. Потсети дека преку Инспекторатот за животна средина му дале втор рок на менаџментот да ги постави филтрите за да може вработените да се вратат на работа.

Одложувањето и непоставувањето филтри има за последица останување без работа на повеќе од 700 луѓе. Го охрабруваме раководството на Југохром додека имаат време да покажат знаци на добра волја и да почнат што поинтезивно да работат на поставување филтри, рече Амети на прес-конференција.

Потсети дека Инспекторат донесе одлука на 1 ноември, која менаџментот на Југохром ја обжали без, како што рече, никаква аргументација, правна и реална.

Ние донесовме друго решение со што се продолжи рокот за можноста од поставување филтри, но се до денеска на терен нема значителен напредок во поставувањето филтри, рече Амети.

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети ги соопшти резулатите од аеро загадувањето во Тетово. Анализата е извршена во информативниот центар на ресорното Министерство, а анализирани се четири последователни години, од 2014 до почетокот на 2017.

Од 2012 до 2015 година концентрацијата на ПМ10 во градот Тетово и во околината беа во зголемување, а во 2016, имајќји предвид дека дел од годината Југохром не работеше, тие се намалуваат, рече Амети.

Според анализата, концентрацијата на честичките ПМ10 во ноември 2016, кога Југохром не работи, е за 35,1 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2014 истиот период, кога Југохром работел со половина капацитет.

Просечна месечна концентрација измерена во ноември 2016 е за 35,3 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2015 истиот период. Во јануари 2017, кога Југохром не работи, концентрацијата на честичките ПМ10 во воздухот се за 54,9 отсто помала во однос на истиот период во 2014, кога Југохром работи со полн капацитет, рече Амети.

И кај измерените концентрации на ПМ10 во првите денови од март, разликата е голема. Во првите денови од март 2017, кога Југохром не работи, концентрацијата на ПМ10 е за 67 отсто помала во однос на измерената концентрација во 2014 кога Југохром работи. Просечната концентрација на 1 и 2 март 2017 кога Југохром не работи е за 69,3 отсто помала во однос на измерената концентрација измерена во истиот период 2015. Концентрацијата на почеток на март 2017 е за 60,4 отсто помала во однос на измеренета концентрација во 2016 година, кога Југохром работи со половина капцитет.

Министерот информира дека се извршени и хемиски анализи на состојките на ПМ10 честичките и резулатите велат дека присуството на арсен е значително намалено кога Југохром не работи.

Максималната е 5,17 ng/m3, a кога Југохром не работи концентрацијата на арсен во ПМ10 е 1,68 ng/m3, рече Амети.