МЗШВ: Николовски нема основни познавања, целта му е манипулација на јавноста

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со денешната изјава за медиумите го покажа целосното непознавање на основните законски процедури во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, односно неговата основна цел е да манипулира со јавноста и да презентира неточни и неоригинални документи, реагираат од МЗШВ.

Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на министерството и агенцијата

Министерството и Агенцијата ја информираат јавноста дека не се точни тврдењата на дополителниот заменик –министер дека исплатата на субвенции е извршена на непостоечка фирма Корал. Напротив Фирмата Корал е упишана во Единствениот регистар за земјоделски стопанства каде се евидентирани општите податоци за субјектот и сите земјоделски обработливи површини за кои има право на користење. Правниот субјект Корал субвенциите ги добива во континуитет на иста сметка и има ист единствен даночен број и ист единствен матичен број на субјектот. Министерството и Агенцијата немаат надлежности да навлегуваат во внатрешните промени и сопственичките односи во фирмата имајќи во предвид дека  законска обврска на земјоделското стопанство е да ги пријави сите промени во Единствениот регистар на земјоделски стопанства настанати во самото земјоделско стопанство вклучително и општите податоци за субјектото како: сопственик и управител.

Ќе повториме дека Министерството и Агенцијата немаат обврска да ја следат сопственичката структура на фирмата, туку наша обврска е да ги следиме исполнувањата на обврските од договорот за закуп на државното земјоделско земјиште на правното лице во случајов фирмата  Корал и исполнување на пропишаните услови и критериуми за одобрување на финансиска поддршка.

Исто така не се точни тврдењата дека доставениот договор за цесија  е без печат од субјектот Корал. Истиот е потпишан и заверен со печат од трите надлежни институции – Министерството, Агенцијата и фирмата Корал.

Исплатата на финансиската поддршка во земјоделството се исплаќа на сите земјоделски стопанства кои се упишани во Единствениот регистар за земјоделски стопанства и ги исполниле пропишаните услови.

Напоменуваме дека Агенцијата работи согласно утврдените процедури за работа за кои има добиено акредитација и сертификација на квалитет.

Агенцијата постапува секогаш по дојава за евентуален сомнеж за нерегуларности со покренување на постапка пред надлежни органи. За овој случај не е доставен ниту еден приговор или дојава за сомнеж.

Укажуваме дека нарушувањето на угледот на институциите и поединците со изјави кои се засноваат на непроверени информации исто така повлекува одговорност пред закон.