МЗШВ: Средствата за ИПАРД не се намалени

Средствата за ИПАРД 2 не се намалени во однос на ИПАРД 1. Буџетот е помал и изнесува 60,3 милиони евра, но, покрај оваа сума, на Македонија и се одобрени дополнителни 36 милиони за структурни инвестиции во земјоделството или вкупно околу 100 милиони евра.

Како што појасни денеска на прес-конференција Маја Брајовиќ од Платежната агенција, секторот земјоделство во програмскиот период 2014 – 2020 година не е скратен, туку напротив, има малку повеќе средства од ИПАРД 1.

Според раководителот на Секторот за ИПАРД во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Билјана Костовска, поддршката од ЕУ сега се планира секторски. Тоа подразбира дека покрај достигнувањето на стандардите за модерно земјоделство, како што беше предвидено со ИПАРД 1, неопходно е и исполнување на основните предуслови – окрупнување на земјиштето, основање задруги, секундарна мрежа за наводнување,…

– Буџетот за ИПАРД 2 е можеби помал во однос на оној за ИПАРД 1, но тоа не значи дека е намален зашто сега, со претстојната програма, се планираат структурни проекти за што се одобрени дополнителни средства, напомена Костовска на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.

Парите од ИПАРД 1, кој беше проектиран на 85 милиони евра за периодот 2007 – 2013 година, се доделуваа година за година, а сега, со ИПАРД 2, рече Костовска, се одобруваат одеднаш. Ако се увиди дека добро ги искористуваме, постои можност да добиеме дополнителни средства.

– Имаме добар напредок во однос на квалитетот на барањата и користењето на средствата, но инвестициите се се уште мали. На нашите земјоделци побарувачката им е за мали инвестиции, во просек по 6.000 евра кофинансирање за примарното производство, истакна Костовска.

Според неа, средствата од ИПАРД 1 засега се искористени само 15 отсто, но до крајот на 2017 година се очекува овој процент да достигне околу 30. Склучени се над 1.000 договори за кофинансирање на 20 милиони евра. Дел од средствата се исплатени, а за дел исплатата е во тек.

– ИПАРД 1 е во завршна фаза, а ќе финишира на 31 декември 2017 година. Веќе нема јавни повици, Платежната агенција ги обработува барањата од последните огласи, склучува договори и исплаќа средства кон крајните корисници, потенцира Костовска.

Апсорпцијата, додаде, е мала и поради проблемите на земјоделците со нерешените имотно-правни односи, со вадењето градежни дозволи,… За искористување на ИПАРД средствата, подвлече, е неопходна доволна зрелост на агро-бизнисот, но и на институциите.

Во однос на ИПАРД 2, интересот е голем и се очекува голема искористеност на средствата. Јавните повици по оваа Програма ќе почнат од есен. Кофинансирањето е зголемено на 60 отсто за примарното производство и на 65 проценти за малите и микро бизнисите во руралните средини.

– За ИПАРД 2 имаме добра база иако и во овој сегмент потребните услови мора да бидат исполнети, подвлече Костовска и ги повика преработувачите, посебно од млечната и месната индустрија, повеќе да аплицираат за да го модернизираат производството.

ИПАРД Секторот денеска ги презентираше резултатите од ЕУ проектот „Запознавање со новите ИПАРД мерки – лидер и советодавни сервиси“ кој се спроведуваше 18 месеци со 908.750 евра поддршка од ЕУ. Мерките лидер и советодавни услуги се практично техничка подготвеност на нашите институции за поефикасно искористување на ИПАРД средствата преку помош на земјоделците при изготвувањето проекти и поттикнување на локалното население за поголемо учество во руралниот развој.