МЗТ се пласира во полуфиналето на АБА 2 лигата

Македонскиот шампион МЗТ Скопје е трет полуфиналист на завршниот турнир од АБА 2 лигата што се одржува во „Јане Сандански“.

Нашиот тим победи со 73-68 и ја продолжува борбата за трофејот во регионалното натпреварување. Мечот не беше најдобар за МЗТ, но важна е победата по што аеродромци ќе го очекуваат противникот во полуфиналето.

Сутјеска подобро го отвори натпреварот, до средината на првата четвртина беше во водство, но тоа најмногу изнесуваше пет разлика (13-8). МЗТ одговори со серија од 8-0 и оттогаш до крајот на мечот не ја испушти предноста.

По серијата од 10-2, во вториот квартал нашиот тим поведе со 32-24, а +8 имаше и пред крајот на полувремето (40-32). Сепак, иако МЗТ во водство, Сутјеска постојано беше зад петите и дури кога имаше двоцифрена негатива, знаеше да направи долга серија и да се врати во игра. Така беше по највисоките +13 (53-40) кога црногорскиот претставник одговори со 12-0, а и подоцна се доближи на само еден поен заостанување.

За среќа на МЗТ, противникот не заеше да го направи последниот чекор, а во такви услови шампионот по една серија од шест поени, во финишот од мечот, повторно дојде на двоцифрена предност (70-60). Сутјеска во последната минута се доближи на -4, но ни тоа не беше закана за победата на МЗТ.

Кристијан Николов одигра еден од своите најдобри натпревари во АБА 2 оваа сезона, постигна 17 поени со шест асистенции и три скока за индекс 24. Двоцифрени беа уште Војдан Стојановски и Дејвис, но најважно е што МЗТ Скопје е во полуфиналето каде ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Широки и Спарс.