МЗТ Скопје 11-ти пат го освои Купот на Македонија

Екипата на МЗТ Скопје ја оправда фаворитската улога и со победа над Феникс (89-73) во финалниот натпревар во СРЦ „Кале“ стана рекордер во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ кој се игра по јубилеен 30. пат.

Аеродромци имаа по десет пехари со Работнички, но сега на листата се единствени на врвот. До единаесеттиот пехар, тимот на Драган Николиќ дојде според планот, со предност од почетокот до крајот на средбата. Дебитантот Феникс во неколку наврати се враќаше на едноцифрена разлика, но не можеше повеќе со АБА-лигашот.

Страхиња Миќовиќ со 20 поени и седум скока беше прво име во составот на новиот куп-победник, а веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 16 поени и осум скока.

За одбележување е и настапот на Дастин Вер со 13 поени и осум асистенции. Трајковски со 22 и Димчевски со 21 поен беа најефикасни кај Феникс.