МЗТ Скопје поведе со 1-0 во финалната серија со Еуро Никел

Кошаркарите на МЗТ Скопје со победа ја отворија финалната серија од плејофот против Еуро Никел со 83:81, со што ја забележаа првата победа во серијата подобар до три победи.

Како по традиција, аеродромци лошо влегоа во мечот, па по нецели две минути противникот од Кавадарци нанижа десет поени во низа. Доминацијата на гостите продолжи и во следниот период, па пред крајот на првиот период дојдоа и до највисоките „плус 14“ (24:10).

Тоа како да ги отрезни сино-белите, кои потоа вратија со серија 17:1 со која дури и го презедоа водството (27:25). Во следните минути се играше буквално кош за кош со дури шест промени во водството, по што следуваше ново минимално одлепување на „металците“ на крајот од полувремето (41:37).

Последно што сторија кавадарчани на овој меч беше водството 42:41, по што следуваше нова фуриозна игра на домаќинот, кој со серија 15:3 дојде до првото двоцифрено водство (56:45).

Иницијативата на избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ продолжи до крајот на третата четвртина за изедначување на највисокото водство на противникот (65:51), како најава за значајниот триумф.

Еуро Никел, сепак, не се предаде лесно па полека, но сигурно ја намалуваше негативата, а во финишот со серијата 12:3 дојде до минус од само еден поен (81:82) по „тројката“ на Џексон Дубински. Но, потоа следуваше завршница со слободни фрлања во која „аеродромци“ беа поефикасни.

Фемо Олуџоби со 24 поени беше убедливо најдобар кај МЗТ, додека Дамјан Стојановски со 15 поени, шест скока и четири асистенции и Гравет со 12 поени и седум асистенции.

Дарко Соколов со 16 поени и по осум поени и асистенции беше најдобар кај гостите.

Вториот меч се игра веќе задутре и тоа во Гевгелија, каде што Еуро Никел игра како домаќин во плејофот поради зафатеноста на нивната сала со националниот план за вакцинација.