МЗТ Скопје ја пречекува Црвена Ѕвезда

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје, денеска  во СЦ Борис Трајковски”ќе ги одмери силите со тимот на Црвена Ѕвезда во рамките на 12. коло од АБА регионалната лига.

Пред гостувањето во нашиот главен град, центарот на „црвено-белите“, Бобан Марјановиќ нагласува дека неговиот тим без размислување оди на победа против МЗТ, иако ќе биде исклучително тешко.
„За нас овој натпревар е важен затоа што сакаме да го зачуваме првото место. Нема да биде лесно зашто е познато дека МЗТ игра одлично на свој терен“ , вели Марјановиќ .
„МЗТ има добра, искусна екипа, затоа треба да бидеме претпазливи. Ако сакаме да стигнеме до победата ќе треба пред се да одиграме одлична одбрана, и максимално ангажирано во нападот“.
Центарот на Црвена Ѕвезда слушнал дека има одлична атмосфера во нашиот најголем спортски центар „Борис Трајковски“, но потенцира дека очекува поддршка и за неговиот тим.
„Прв пат ќе играм во таа сала, но претпоставувам како и секогаш дека ќе има доста публика. Се надевам дека ќе има и наши навивачи, затоа што знам дека ги има во Македонија. Очекуваме, во секој случај, полна сала и убава атмосфера каква што секако залужува оваа пресметка“,  вели Марјановиќ.