МЗТ Скопје конечно победи на гости во АБА лига

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, триумфираа на гостувањето кај Раднички (Крагуевац) во рамките на АБА лига со 79:69.

По израмнетата игра во првата четвртина, „металците” одигра одлична втора четвртина во која што успеаја да обезбедат двоцифрена предност која искусно ја одржуваше до крајот на мечот.

Победата над Раднички за МЗТ Скопје е прв гостински триумф во натпреварите од оваа сезона. МЗТ Скопје го стартува вториот дел од настапите во АБА лигата веќе следниот викенд со уште едно гостување, овој пат во Љубљана против Унион Олимпија.

Во тимот на МЗТ Скопје свое деби на овој меч имаше и американскиот плејмејкер Карл Џонс кој мина на паркетот 21 минута и постигна 12 поени.

„Знаев дека ќе биде тежок натпревар, затоа што Раднички е незгоден противник. Има висок процент при ударите за три поени, се пласираше и во вториот круг на Еврокупот. Кога ќе дојдете во салата Езеро, ако не сте спремни да пливате ќе потонете. Ние покажавме желба да се бориме и за таквиот пристап бевме наградени. Кога дојдов не менувавме премногу во нападот, целта ми беше да ја подобриме одбраната. Вршевме голем притисок над Мариновиќ, затоа што знаевме дека многу нешта од него зависат”, изјави тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Зоран Мартич.

Најефикасен во составот на МЗТ Скопје беше капитенот Тодор Гечевски со 13 поени, 5 скока и 2 асистенции. Покрај Гечевски, двоцифрен број на поени постигнаа уште Кејд Дејвис и Карл Џонс со по 12, односно Урош Лучиќ кој имаше 11 поени.

Во тимот на Радничи Крагуевац Сава Лешиќ со 20 и Марко Мариновиќ со 19 поени беа најпрецизни играчи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.